Втори национални Специјални Олимписки Летни Игри

   (5 - 8 јули 2005 г.)

 

 

      Специјалната Олимпијада Македонија по вторпат, на спортските терени во Струга (кај х. “Еуротел”), во периодот од 05 до 08 јули 2005 г., ги организира и успешно ги релизира Вторите Националните летни игри на СОМ за лицата со интелектуална попреченост и комбинирани пречки во развојот.

На оваа голема и комплексна манифестација зедоа учество близу 400 учесници од кои преку 200 атлети од 16 СОМ Клубови ширум Републиката, 100 волонтери, тренери, експерти, медицински лица, како и други лица за помош и поддршка. На овие Игри покрај четиридневното спортување, атлетите - спортисти се забавуваа и се дружеа во Градот на поезијата - Струга, при тоа имплементирајќи ги основните заложби и мисија на СОМ.

 

      Мотивирани да ги покажат способностите и вештините стекнати преку целогодишните тренинзи и обуки, атлетите се натпреваруваа во четири спорта, и тоа: фудбал (во две дивизии), кошарка (во една дивизија), пинг- понг (во три  дивизии) и атлетика во неколку дисциплини и дивизии. Практично, со комплексниот систем на дивизионирање им овозможивме на сите спортисти подеднакви предуслови за рамноправно и фер натпреварување.

 

      На тој начин, на сите спортисти им беше овозможено квалитетно натпреварување;  со изедначено групирање според покажаните резултати од претквалификационите натпревари, и на поквалитетните (повешти и поспособни), а и на спортистите со пониско ниво на способности, им овозможивме услови за рамноправно и фер учество во игрите.

 

      Исто така, тоа што е особено значајно да се истакне (посебно врзано за воспоставување на цврста социјално-интегрирачка врска), е фактот дека во фудбалот и кошарката натпреварувачките екипи беа од типот на УНИФИЕД  (атлети и партнери), а имаше и гости - учесници за првпат: екипата од ОУ “Д.Х.Димов” од Скопје и екипата “Пролетер” од Македонски Брод. Водени и поттикнати од натпреварувачкиот дух, сите атлети го даваа максимумот од себе, а тоа подоцна резултираше со постигнување на  извонредни резултати.

Тоа за што мечтаевме, тоа што го зацртавме и на многумина им дадовме надеж, верба и мотив за живеење, тоа што им го ветивме на нашите сограѓани... тоа и го исполнивме!

 

 

< претходен настан  |  галерија  |  нареден настан >

   

  Специјална Олимпијада Македонија © Сите права се задражани 2006.