Европска кошаркарска недела

   (септември - декември 2005 г.)

 

 

      Понесени од постигнатите резултати и желбата на нашите спортисти да бидат се поактивни во овој спорт, тимот на СО Македонија ги насочи своите сезонски активности во уште поголема и посеопфатна кошаркарска кампања. Практично, покрај одржувањето редовни тренинзи и ширење на кошаркарската мрежа, реализиравме една покомплексна промотивна кампања, проследена со соодветна спортска и медиумска покриеност.

 

      Заедничка цел на сите активности беше што е можно поголемо доближување до пошироката јавност и презентирање на способностите на нашите спортисти; т.е. истакнување на вистинските вредности на заложбите и мисијата.

 

      Во таа насока беа реализирани голем број активности и проекти кои резултираа со комплексниот и голем пан-европски потфат, 2005 Европска кошаркарска недела на СО. По втор пат на нашиве простори се вклучивме во реализацијата на оваа голема манифестација, која е во партнерство со ФИБА Европа и е под покровителство на Агенцијата за млади и спорт, како и со помош и поддршка од Кошаркарската федерација на Македонија и МОК.

 

Македонија - Австрија • септември • Скопје

 

      Кампањата отпочна во септември со промовирање на кошаркарската репрезентација на СО Македонија (учесник на Европското првенство во Белград) на кошаркарскиот натпревар Македонија - Австрија. Продолжи со одигрување на поединечни натпревари помеѓу екипи на СО Македонија, како и присуство и следење на натпревари помеѓу екипи од Националната лига (МЗТ, Тоа Сум Јас, Вардар, Работнички...)

 

Втор Национален кошаркарски турнир на СОМ • ноември • Неготино

 

      Круна на кампањата беше одржувањето на долго очекуваниот, втор по ред, 2005 Национален кошаркарски турнир на СОМ. На овој турнир, којшто се одржа на 26 ноември 2005 г. во спортската сала во Неготино, пред големиот број на посетители (околу 1000), 13 тима од целата Република (поделени во 3 дивизии) ги одмерија силите и на најубав начин ги презентираа своите макотрпно стекнати индивидуални и тимски вештини и достигнувања. Преку 200 спортисти на СО Македонија (од вкупно присутни околу 350), со поддршката и помошта добиена од голем број на кошаркари, официјални лица и спортски ентузијасти, во дисциплината UNIFIED® кошарка (атлети и партнери), уште еднаш, на најубав начин ги покажаа своите способности, покажувајќи í на целата македонска јавност дека не се „лица со посебни потреби” - туку лица со особени способности; рамноправен, интегрален и социјализиран дел од нашето општество.

 

      Турнирот го отвори Градоначалникот на Неготино, господинот Ѓорѓи Ќимов, беше прочитана поздравната телеграма од Претседателот на Македонскиот Олимписки Комитет, беа пренесени поздравите и поддршката од Кошаркарската Федерација на Македонија, а на присутните им се обратија видни личности од јавниот живот давајќи ја својата поддршка (Лајонс Клубот, Фондацијата МобиМак, Киванис и др.). На посебно место беше истакната досегашната успешна соработка и континуираната помош што СО Македонија ја добива од Агенцијата за млади и спорт на РМ.

 

      Под „диригенство” на Амбасадорот на СОМ за музика - Дејан Попов, во паузите помеѓу натпреварите присутните ги забавуваа разни изведувачи и групи од локалната заедница и пошироко, членови од самите клубови на СОМ кои имаа специјално подготвени точки за овој настан, а меѓу нив бурно беше поздравен Осман, нашиот претставник на неодамнешниот 2005 European Songfestival за лицата со посебни потреби. Во рамките на манифестацијата се реализираше и креативна работилница како и изложба на дела на членовите на СО Македонија и други лица со посебни потреби.

 

Промовиран Амбасадорот за кошарка на СОМ • Благоја Георгиевски

 

      Во оваа пригода, срцата на атлетите на СОМ ги придоби нашата спортска мега-ѕвезда, член на поранешната југословенска репрезентација и учесник на Летните олимписки игри во Монтреал 1986 и освојувач на олимпискиот бронзен медал, Благоја Георгиевски - Буштур кој, истакнувајќи го своето големо задоволство што му е укажана ваква чест, ја прифати поканата на СО Македонија да стане Амбасадор на СО Македонија за кошарка. Тој истакна дека ќе се залага за доследно имплементирање и промовирање благородната мисија на Special Olympics, ги истакна досегашните постигнати резултати на атлетите и тимовите на СО Македонија и дека ќе даде се од себе за популаризација, развој и ширење на мрежата низ Републиката. При тоа, додели една кошаркарска топка.

 

Промоција на СО Македонија преку Реалното шоу • ТОА СУМ ЈАС

 

      Воодушевувањето кај спортистите и другите присутни кулминираше со појавувањето на популарните кандидати од Реалното шоу „Тоа Сум Јас” кои, давајќи ја својата лична поддршка и хуманост кон заложбите за доследно реализирање на мисијата на СО Македонија, се дружеа, забавуваа, веселеа со спортистите и, заедно со нив, одиграа ревијален кошаркарски меч. Наедно, продукцискиот тим на ТВ-медиумското шоу ТСЈ истакна дека на секој можен начин и во секоја дадена прилика ќе ја промовира СО Македонија, атлетите и нивните постигнувања, превземените и реализирани заложби и хуманата мисија. 

 

Меч Тоа Сум Јас - МЗТ Скопје • декември • Скопје

 

      Во рамките на воспоставената соработка со концептот „Тоа Сум Јас”, атлетите на СО Македонија добија посебно место пред целата македонска јавност; пред широкиот ТВ аудиториум нашите атлети, рака за рака со своите идоли, беа претставени пред почетокот на првенствениот натпревар „Тоа Сум Јас” - МЗТ „Скопје”.

 

      Сите овие чекори уште еднаш ја потврдуваат исправноста на заложбите на нашата мисија дека со правилна работа, пристап и ангажман, давајќи им шанси, обезбедувајќи им соодветни предуслови, охрабрувјќи ги и мотивирајќи ги да истрајат, лицата со посебни потреби се способни за постигнување на различни резултати, не само на спорстко поле, ами и на секое друго во општествената заедница.

 

< претходен настан  |  галерија  |  нареден настан >

   

  Специјална Олимпијада Македонија © Сите права се задражани 2006.